Go to full page →

ПРОУЧУВАЊЕ НА ФИЗИОЛОГИЈАТА EdM 202

„Те прославувам што сум создаден толку чудесно”
Псалм 139,14

Бидејќи умот и душата доаѓаат до израз преку телото, и душевната и духовната сила во голема мера зависат од телесната сила и активност; сё што го потпомага телесното здравје, го потпомага и развојот на силен ум и врамнотежен карактер. Без здравје никој не може толку јасно да ги разбере или толку потполно да ги исполни своите обврски кон самиот себе, кон своите ближни, или кон својот Создател. Затоа, здравјето треба исто толку совесно да се чува како и карактерот. Познавањето на физиологијата и хигиената треба да биде основа на сите воспитни напори. EdM 202.1

Иако фактите од областа на физиологијата денес се толку општо познати, владее застрашувачка рамнодушност кон принципите на здравјето. Дури и помеѓу оние кои ги знат тие принципи, ретко кој ги спроведува во дело. Луѓето така слепо се поведуваат по своите наклонетости и нагони како животот повеќе да зависи од случај отколку од одредени и непроменливи закони. EdM 202.2

Младината, полна со животна свежина и сила, недоволно ја разбира вредноста на изобилството енергија со која располага. Колку несериозно се сфаќа тоа богатство поскапоцено од злато, поважно за напредување од ученоста или положбата или богатството! Колку луѓе, жртвувајќи го здравјето во борбата за богатство или моќ, речиси ја достигнале целта на своите копнежи само за беспомошно да паднат пред нив, додека други, располагајќи со надмоќна телесна издржливост, ја дофатиле саканата награда! Колку луѓе кои поради запоставувањето на здравствените закони паднале во нездрави состојби, биле наведени на лоши навики, на отфрлување на секоја надеж и за овој и за светот што доаѓа! EdM 203.1

При проучувањето на животните процеси — физиологијата, на учениците треба да им се помогне да ја согледаат вредноста на физичката енергија и начинот на кој таа може да се сочува и развие така што во најголема мерка ќе придонесе за успех во големата животна борба. EdM 203.2

Децата треба рано, на едноставен и лесно разбирлив начин, да се поучуваат на основите на физиологијата и хигиената. Тоа дело мора да го започне мајката во домот, а училиштето мора совесно да го продолжи. Како што учениците ќе стануваат постари, така и поучувањето од оваа област мора да продолжи сё додека тие не бидат оспособени да се грижат за домот во кој живеат. Тие мораат да ја согледаат важноста на заштитата од болести преку зачувувањето на животната сила на секој орган, а исто така треба да научат како да постапуваат во случај на вообичаените болести и несреќи. Секое училиште мора да предава физиологија и хигиена и, колку е тоа можно, да биде опремено со средства за прикажување на структурата, намената и негата на телото. EdM 203.3

Постојат прашања кои се многу ретко опфатени со програмата на изучување на физиологијата, а кои би требале да се разгледаат — прашања кои за ученикот се далеку поважни од многу технички детали кои се обично вклучени во наставата по тој предмет. Основниот принцип на целото воспитување на ова подрачје е дека младината треба да научи дека природните закони се Божји закони — исто толку вистински божествени како и прописите од Декалогот. Законите што управуваат со нашиот организам Бог ги впишал во секој нерв, мускул и влакно во телото. Секое немарно или намерно кршење на овие закони е грев против нашиот Создател. EdM 204.1

Колку е, според тоа, важно темелното познавање на овие закони! На принципите на хигиената, применети во исхраната, физичките вежби, негувањето деца, лекувањето болни и во многу други подрачја, треба да им се посвети многу поголемо внимание отколку што тоа обично се прави. EdM 204.2

Треба да се нагласува влијанието на умот врз телото исто како и влијанието на телото врз умот. Електричната сила на мозокот, засилена со умствена активност, го оживува целиот организам и на тој начин станува скапоцена помош во спротивставувањето на болестите. Тоа мора јасно да се изнесе. Важноста на силата на волјата и самосовладувањето како за зачувањето така и за обновувањето на здравјето; штетните, па дури и разорни последици од гневот, незадоволството, себичноста, порочноста, и од друга страна, прекрасната животна сила која се наоѓа во доброто расположение, несебичноста, благодарноста — сето тоа исто така треба да се прикаже. EdM 204.3

Во Писмото се споменува една физиолошка вистина — вистина за која треба да размислиме: „Веселото срце е како лек благотворен” (Мудри изреки 17,22). EdM 205.1

Бог вели: „Твоето срце нека ги чува Моите заповеди, зашто тие ќе ти ги продолжат деновите и годините на животот и ќе ти додадат мир.” „Зашто тие се живот за оние кои ги наоѓаат и здравје за целото нивно тело.” „Пријатните зборови”, вели Писмото, не се само „сладост на душата”, туку и „лековити за коските” (Мудри изреки 3,1.2; 4,22; 16,24). EdM 205.2

Младината треба да ја разбере длабоката вистина која е содржана во библиската изјава дека во Бога е „изворот на животот” (Псалм 36,9). Тој не е само зачетник на сё, туку е и живот на сё што живее. Негов е животот што го примаме од сончевата светлина, од чистиот и свеж воздух, од храната која го изградува нашето тело и ја одржува нашата сила. Негов е животот со кој живееме, од час во час, од миг во миг. Доколку не се изопачени од гревот, сите Негови дарови донесуваат живот, здравје и радост. EdM 205.3

„Сё што прави Тој е прекрасно во свое време” (Проповедник 3,11); а вистинска убавина не се обезбедува со расипување на Божјото дело, туку преку усогласување со законите на Оној кој создал сё и кој наоѓа задоволство во нивната убавина и совршенство. EdM 205.4

Кога го проучуваме телесниот систем, треба да обрнеме внимание на неговата извонредна прилагоденост кон потребите, на хармоничното дејствување и меѓусебната зависност на различните органи. Кога на тој начин ќе се разбуди интерес кај ученикот и кога ќе ја согледа важноста на физичката култура, учителот може многу да придонесе за обезбедување правилен развој и усвојување добри навики. EdM 205.5

Една од примарните цели кон кои треба да се стремиме е правилното држење како при седење така и при стоење. Бог го создал човекот исправен и Тој сака човекот да се здобие не само со физички, туку и со душевни и морални благослови, отменост, достоинство и сигурност, храброст и самодоверба, кон што правилното држење многу придонесува. Учителот во тоа треба да пружи поука и преку пример и со упатства. Треба да покаже какво е правилното држење и упорно да бара од учениците да го прифатат. EdM 206.1

Веднаш по правилното држење, по важност следуваат дишењето и негата на гласот. Оној кој седи и стои исправено, обично и дише поправилно од другите. Но учителот треба да им ја нагласи важноста на длабокото дишење на своите ученици. Треба да прикаже како здравото дејствување на органите за дишење, помагајќи го крвотокот го оживува целиот организам, го буди апетитот, го потпомага варењето, предизвикува здрав и сладок сон и, на тој начин не само што го освежува телото, туку и го ублажува и смирува умот. Додека ја објаснува важноста на длабокото дишење, тој треба упорно да бара тоа и да се применува. Длабокото дишење треба да се увежбува и да се вложи труд во зацврснувањето на оваа навика. EdM 206.2

Увежбувањето на гласот има важно место во физичката култура, бидејќи тоа ги шири и зајакнува белите дробови и на тој начин ги спречува болестите. За да се обезбеди беспрекорен изговор при читање и зборување, треба да се настојува стомачните мускули интензивно да учествуваат во дишењето и органите за дишење да не бидат стеснети. Напорот треба да биде пренесен врз стомачните мускули, а не врз мускулите на грлото. Така можат да се спречат голем замор и тешки болести на грлото и белите дробови. Треба да се обрне големо внимание на јасното изговарање на зборовите, со меки и добро обликувани гласови и не премногу брз говор. Тоа не само што ќе придонесе за здравјето туку и работата на ученикот ќе ја направи многу попријатна и поуспешна. EdM 206.3

Објаснувајќи го сево ова, ние имаме златна можност да ги прикажеме лудоста и штетноста од носењето тесна облека и обувки и од сите други навики кои ги ограничуваат основните функции на телото. Речиси бескрајна низа болести настанува поради нездравата мода во облекувањето и во овој поглед мораат да се бидат дадени мошне совесни поуки. Објаснете им на учениците колку е опасно да се дозволи облеката да се потпира врз колковите или да стега кој било орган од телото. Облеката треба да биде скроена така што во неа ќе може непречено и длабоко да се дише и рацете без потешкотии да можат да се кренат над главата. Стегањето на белите дробови не само што го спречува нивниот развој, туку и го попречува процесот на варење и крвотокот и на тој начин го ослабнува целото тело. Сите вакви постапки ги намалуваат и физичката и умствената сила и, на тој начин го попречуваат квалитетното напредување и често го оневозможуваат неговиот успех. EdM 207.1

При проучувањето на хигиената совесниот учител ќе ја искористи секоја можност да ја покаже неопходноста од совршена чистота и во личните навики и во одржувањето на околината. Треба да се нагласува колку секојдневното капење е полезно за унапредување на здравјето и за поттикнување на умствената активност. Треба да се посвети внимание на сончевата светлина и проветрувањето, на хигиената на спалната соба и кујната. Учете ги учениците дека здравата спална соба, совршено чистата кујна, вкусно поставената маса, полна со здрава храна, повеќе придонесуваат за среќата на семејството и разбудуваат почит на секој разумен посетител од каков било скап мебел во собата за дневен престој. Дека „душата е многу поскапа од храната, и телото — од облеката” (Лука 12,23), тоа е поука која е исто толку потребна денес како и пред осумнаесет векови (пишувано 1903) кога била изречена од божествениот Учител. EdM 207.2

Оној што ја проучува физиологијата треба да научи дека цел на неговото проучување не е само запознавање со фактите и принципите. Само тоа би имало мала полза за него. Тој може да ја согледа важноста на проветрувањето, неговата соба може да биде полна со свеж воздух; но ако не ги полни правилно своите бели дробови, ќе ги трпи последиците од неправилното дишење. Исто така, тој може да ја разбере неопходноста од чистотата и да се снабди со потребните средства; но сето тоа ќе биде бесполезно доколку не се употреби. Од необична важност е при изнесувањето на овие принципи на ученикот да му се прикаже нивното значење на таков начиншто тој совесно ќе ги спроведува во дело. EdM 208.1

Со најпрекрасна и највеличествена слика Божјата Реч прикажува каква важност Бог му придава на нашиот организам и колкава одговорност почива врз нас да го одржиме во најдобра состојба: „Или не знаете дека вашето тело е храм на Светиот Дух, кој е во вас, кого го имате од Бога, па не си припаѓате само на себеси?” „Ако некој го разруши Божјиот храм, Бог ќе го разруши него, зашто Божјиот храм е свет, а тоа сте вие” (1. Коринќаните 6,19; 3,17). EdM 208.2

Учениците треба да бидат проникнати со мислата дека телото е храм во кој Бог сака да престојува, дека мора да остане чисто, престојувалиште на возвишени и благородни мисли. Кога при проучувањето на физиологијата ќе согледаат дека навистина се „чудесно создадени” (Псалм 139,14), ќе бидат исполнети со стравопочит. Наместо да го расипуваат делото на Божјите раце, тие ќе посакаат да сторат сё што е во нивна моќ да го исполнат прекрасниот план на Создателот. На тој начин ќе се постигне послушноста на законите на здравјето да не ја сметаат за жртва или самооткажување, туку за она што таа навистина е — непроценливо предимство и благослов. EdM 208.3