Loading...
Larger font
Smaller font
Copy
Print
Contents
Воспитување - Contents
  • Results
  • Related
  • Featured
No results found for: "".
  • Weighted Relevancy
  • Content Sequence
  • Relevancy
  • Earliest First
  • Latest First
    Larger font
    Smaller font
    Copy
    Print
    Contents

    ИЗВОР И ЦЕЛ НА ВИСТИНСКОТО ВОСПИТУВАЊЕ

    „Познавањето на Светиот е разум; Запознај се сега со Него”
    Мудри изреки 9,10; За Јов 22,21

    Нашите претстави за воспитувањето се премногу ограничени и со ниски дострели. Треба да имаме поширок поглед и да си поставиме повисока цел. Вистинското воспитување подразбира повеќе отколку само совладување на одредена наставна програма. Тоа е повеќе од подготовка за сегашниот живот. Тоа се занимава со целото човеково битие и се однесува на целокупниот период на неговото постоење. Воспитување значи хармонично развивање на телесните, душевните и духовните сили. Тоа го подготвува ученикот за радосна служба во овој и за повозвишена и порадосна служба во светот што ќе дојде.EdM 6.1

    Изворот на таквото воспитување е истакнат во зборовитe на Светото Писмо кои укажуваат на Бесконечниот: „Во кого се скриени сите богатства на мудроста и знаењето” (Колошаните 2,3). „Во Него се советот и разумот” (Книгата за Јов 12,13).EdM 7.1

    Светот имал свои големи учители, луѓе со гигантски интелект, кои многу го унапредиле човековото истражување, луѓе чии говори ў давале поттик на човечката мисла и ги отворале видиците кон нови области на човечкото знаење; овие луѓе биле вреднувани и почитувани како водачи и добротвори на својот народ; но постои Еден кој е повисок од нив. Ние можеме да ја следиме наназад низата од светски учители до каде што допираат човечките извештаи; но Светлината била пред нив. Како што Месечината и планетите на нашиот Сончев систем ја одразуваат сончевата светлина, така и големите мислители, доколку нивното учење е правилно, ги одразуваат зраците на Сонцето на Правдата. Секоја искра на мислата, секој блесок на интелектот потекнуваат од Светлината на светот.EdM 7.2

    Во наше време многу се зборува за природата и важноста на „повисоко воспитување”. Вистинското „повисоко воспитување” го дава Оној во кого се „мудроста и силата” (Книгата за Јов 12,13) од чија уста „доаѓа знаењето и разумот” (Мудри изреки 2,6).EdM 7.3

    Секое вистинско знаење и вистински развој имаат свој извор во познавањето на Бога. Каде и да се свртиме во физичкото, менталното и духовното подрачје, каде и да погледнеме, исклучувајќи ги болните последици од гревот -—секаде ни се открива тоа познавање. Со која било гранка на истражување да се занимаваме, со искрена намера да ја дознаеме вистината, ние доаѓаме во допир со невидливиот моќен Ум кој дејствува во сё и преку сё. Човековиот ум се поврзува со Божјиот, ограничениот со Неограничениот. Непроценливо е влијанието на таквата врска врз телото, умот и душата.EdM 7.4

    Во оваа врска се наоѓа највисокото воспитување. Тоа е Божјиот метод на развој. „Зближи се со Него” (Книгата за Јов 22,21) — гласи Неговата порака до човештвото. Методата, опишана со овие зборови, била применета во воспитувањето на таткото на нашиот род. Кога Адам во славата на безгрешната мажевност престојувал во светата Едемска градина, Бог го поучувал на тој начин.EdM 8.1

    За да разбереме што сё опфаќа воспитното дело, мораме да ја разгледаме човечката природа и целта што Бог ја имал кога го создал човекот. Исто така, мораме да ја разгледаме и промената на човековата состојба која настанала со познавањето на злото, и планот што Бог го замислил за да може, и покрај тоа, да ја постигне возвишената цел што ја поставил за воспитување на човечкиот род.EdM 8.2

    Кога Адам излегол од рацете на Создателот, во неговата физичка, ментална и духовна природа бил сличен на својот Творец. „Бог го создаде човекот според својот лик” (1. Мојсеева 1,27); Божјата намера била во текот на својот живот човекот сё попотполно да го открива овој лик - поцелосно да ја одблеснува славата на Создателот. Можеле да се развиваат сите негови таленти; големината и силата на тие таленти требало постојано да се зголемуваат. Му биле понудени широки можности за обучување, и пред него се отворало славно подрачје за истражување. Тајните на видливата вселена — „чудесните делa на Најсовршениот во секое знаење” (Книгата за Јов 37,16) — го повикувале човекот да ги проучува. Негово високо предимство било тоа што можел да разговара лице в лице, срце в срце со својот Создател. Да му останел верен на Бога, сето тоа засекогаш би било негово. Низ целата вечност би продолжил да стекнува нови ризници на знаење, би откривал нови извори на среќа и би имал сё појасни и појасни претстави за Божјата мудрост, моќ и љубов. Сё повеќе би се приближувал кон исполнувањето на целта на своето постоење, сё попотполно би ја одблеснувал славата на својот Создател.EdM 8.3

    Но сето тоа било загубено поради непослушноста. Гревот ја расипал Божјата слика во човекот, речиси ја избришал. Човековите физички сили ослабнале, неговата ментална способност се намалила и неговата духовна визија се помрачила. Човекот станал подложен на смртта. Сепак, човечкиот род не бил оставен без надеж. Бескрајната љубов и милост го создала планот на спасението, и животот на човекот му бил подарен како време на проверка. Да се обнови во човекот ликот на неговиот Создател, да се врати во состојбата на првично совршенство, да се поттикне развојот на неговото тело, умот и душата, за да биде остварена божествената цел на создавањето — тоа е делото на откупувањето. Тоа е целта на воспитувањето, возвишената цел на животот.EdM 9.1

    Љубовта, темелот на создавањето и откупувањето, исто така е темел на правилното воспитување. Тоа јасно се открива во законот што Бог го дал како водич низ животот. Првата голема заповед гласи: „Љуби gо Господа, својот Бог со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сета своја сила и со сиот свој ум” (Лука 10,27). Да го сакаме Него, Бескрајниот и Сезнајниот, со сета своја сила, со сиот свој ум и со сето свое срце, значи да достигнеме највисок развој на секоја способност. Тоа значи дека Божјата слика треба да биде обновена во целото битие — во телото, во умот, како и во душата.EdM 9.2

    Втората заповед е слична на првата: „Љуби го ближниот свој како себеси!” (Матеј 22,39). Законот на љубовта налага телото, умот и душата да ги посветиме во служба за Бога и своите ближни. Оваа служба, која ни овозможува да бидеме благослов за другите, и нам ни носи најголем благослов. Несебичноста е темел на секој вистински развиток. Со несебична служба ја развиваме секоја способност до највисока можна мера. Сё повеќе и повеќе ние стануваме учесници во божествената природа. Подготвени сме за Небото, затоа што го примаме Небото во своето срце.EdM 9.3

    Бидејќи Бог е изворот на секое вистинско знаење, првата цел на воспитувањето, како што видовме, е да ги насочи нашите мисли кон објавата во која Тој Самиот ни се открива. Адам и Ева го примале знаењето во непосреден разговор со Бога; тие учеле за Него преку Неговите дела. Сё што е создадено, во своето првично совршенство, било израз на Божјата мисла. За Адам и Ева природата била полна со божествена мудрост. Меѓутоа, човекот преку престапот ја загубил можноста да учи за Бога во непосреден разговор со Него, а во голема мера, и од Неговите дела. Земјата, расипана и осквернета од гревот, само нејасно ја одразува славата на Создателот. Сепак, вистина е дека поуките што Тој ги запишал во природата сё уште не се избришани. На секоја страница одголемата книга на Неговите создадени дела сё уште може да се препознае Неговиот ракопис. Природата сё уште ни зборува за својот Создател. Но, тие откровенија се непотполни и несовршени. Во нашата грешна состојба, со ослабнати способности и ограничени сфаќања, ние не сме способни правилно да ги протолкуваме. Нам ни е потребно поцелосно откровение на Божјото Битие, кое лично Бог ни го дал во својата пишана Реч.EdM 10.1

    Светото Писмо е совршено мерило на вистината, и како такво треба да му се даде највисоко место во воспитувањето. За да се здобиеме со воспитување достојно за тоа име, мораме да го запознаеме Бога — Создателот, и Христа — Откупителот, како што се откриени во Светата Реч.EdM 10.2

    Секое човечко суштество, создадено според Божјиот лик, е обдарено со способност слична на онаа на Создателот — индивидуалност, способност на мислење и дејствување. Луѓето кај кои оваа способност е развиена, се луѓе кои носат одговорности, кои се водачи во потфатите и кои влијаат врз карактерот на другите. Задача на вистинското воспитување е да ја развива секоја способност, да ги вежба младите да мислат, а не само да ги одразуваат мислите на другите. Наместо да го ограничиме нивното проучување на она што луѓето го кажале или напишале, да ги упатиме учениците кон изворите на вистината, кон широките подрачја на истражување во природата и откровението. Нека размислуваат за големите факти за должноста и определбата, и нивниот ум ќе се развие и зајакне. Наместо образувани слабаци, од воспитните установи треба да излегуваат луѓе кои ќе бидат способни да мислат и дејствуваат, луѓе кои се господари а не робови на околностите, луѓе кои се одликуваат со широчина на умот, јасни мисли и храброст во своите убедувања.EdM 11.1

    Таквото воспитување обезбедува повеќе од обично дисциплинирање на умот; дава повеќе отколку само вежбање на телото. Тоа го зајакнува карактерот, така што вистината и чесноста нема да им бидат жртвувани на некоја себична желба или световна амбиција. Тоа го зајакнува умот против злото. Наместо некоја страст, кога ќе земе замав, да стане сила што разорува, сите побуди и желби се доведени во согласност со големите принципи на правдата. Ако размислуваме за совршенството на Божјиот карактер, умот ќе биде обновен и душата одново создадена според Божјиот лик.EdM 11.2

    Кое воспитување може да биде повисоко од ова? Што може, по вредност, да се изедначи со него?EdM 11.3

    „Не може да биде купена со чисто злато,
    ниту да се измери со сребро нејзината цена.
    Не се мери таа со офирско злато,
    ни со скапоцен оникс, ниту со сафир.
    Не се споредува со неа злато и кристал,
    Нема да ја размениш со садови од чисто злато.
    А за корал и бисер нема што ни да се спомнува,
    зашто здобивањето со мудрост чини
    повеќе од скапоцен камен.”
    EdM 12.1

    Книгата за Јов 28,15-18

    Божјиот идеал за Неговите деца е повисок од највисоката точка до која човечката мисла може да достигне. Побожност — сличност со Бога — тоа е целта што треба да се постигне. Пред ученикот се отвора пат на постојано напредување. Тој има цел која треба да ја постигне, стандард до кој треба да се издигне, кој содржи сё што е добро, чисто и благородно. Тој во секоја гранка на вистинското знаење ќе постигнува најголем можен успех за најкусо можно време. Но неговите напори ќе бидат насочени кон цели кои се толку повисоки од себичните и минливи интереси колку што се небесата повисоки од Земјата.EdM 12.2

    Оној што соработува во остварувањето на божествената цел да им се пренесе на младите знаењето за Бога и да се изгради нивниот карактер во согласност со Божјиот, извршува возвишена и благородна работа. Будејќи желба да се досегне Божјиот идеал, тој обезбедува воспитување кое е високо како небото и пространо како вселената; воспитување кое не може да биде завршено во овој, туку ќе продолжи во идниот живот; воспитување кое на успешниот ученик му дава препорака да помине од подготвителното училиште на Земјата во повисокото училиште, училиштето на Небото.EdM 12.3

    Larger font
    Smaller font
    Copy
    Print
    Contents