Loading...
Larger font
Smaller font
Copy
Print
Contents
Воспитување - Contents
  • Results
  • Related
  • Featured
No results found for: "".
  • Weighted Relevancy
  • Content Sequence
  • Relevancy
  • Earliest First
  • Latest First
    Larger font
    Smaller font
    Copy
    Print
    Contents

    НАУКАТА И БИБЛИЈАТА

    „Кој од нив не знае, дека Божјата рака го создаде сето тоа?”
    Јов 12,9

    Бидејќи книгата на природата и книгата на откровението носат печат на истиот врвен Ум, нивните гласови мораат да се согласуваат. Иако со различни методи и на различни јазици, тие сведочат за истите големи вистини. Науката постојано открива нови чудеса; но резултатите од нејзините истражувања не откриваат ништо што, правилно протолкувано, би се спротивставило на божественото откровение. Книгата на природата и пишаната Реч заемно се осветлуваат. Тие нё запознаваат со Бога учејќи нё за законите преку кои Тој дејствува.EdM 128.1

    Погрешните заклучоци, донесени врз основа на фактите набљудувани во природата, довеле до привиден судир помеѓу науката и откровението; во настојување да се поврати загубената хармонија, прифатени се толкувања на Писмото кои ја поткопуваат и разурнуваат силата на Божјата Реч. Се смета дека геологијата му се спротивставува на буквалното толкување на извештајот на Мојсеј за создавањето. Се тврди дека биле потребни милиони години за еволуцијата на Земјата од некаков хаос; а заради прилагодување на Библијата кон тоа наивно откритие на науката, се претпоставува дека деновите на создавањето претставуваат големи неодредени периоди, кои траат илјадници, или дури и милиони години.EdM 128.2

    Таквиот заклучок е сосема без основа. Библискиот извештај не се спротивставува ниту самиот на себе, ниту на учењето на природата. За првиот ден употребен за делото на создавањето извештајот вели: „И бидна вечер, па утро — прв ден” (1. Мојсеева 1,5). Суштински гледано, истото ова е кажано за секој од шесте дена од седмицата на создавањето. Вдахновената Реч изјавува дека секој од овие периоди бил ден кој се состоел од вечер и утро, како и сите други денови од тоа време па до денес. За самото дело на создавањето, божественото сведоштво гласи: „Зашто Тој рече — и сё стана, нареди — и сё се утврди” (Псалм 33,9). Колку време за еволуција на Земјата од хаосот му било потребно на Оној кој на ваков начин можел да создаде безбројни светови? Мораме ли да вршиме насилство над Неговата Реч за да ги објасниме Неговите дела?EdM 129.1

    Вистина е дека остатоците пронајдени на Земјата сведочат за постоење на луѓе, животни и растенија кои се многу поголеми од оние што ние денес ги познаваме. Се смета дека овие остатоци докажуваат дека растителниот и животинскиот свет постоел пред времето за кое зборува извештајот на Мојсеј. Но за сето тоа библиската историја ни овозможува исцрпно објаснение. Пред потопот, степенот на развој на растителниот и животинскиот свет далеку го надминувал оној кој нам ни е оттогаш познат. За време на потопот површината на Земјата била опустошена, се случиле значителни промени, а при новото формирање на земјината кора се сочувани многу траги од животот што некогаш постоел. Просторните шуми, затрупани со земја за време на потопот и оттогаш претворени во јаглен, ги сочинуваат големите јаглени наслаги и придонесуваат за создавање нафтени залихи кои ў служат на нашата денешна удобност. Секој од овие факти, изнесен на виделина, немо сведочи за вистинитоста на Божјата Реч.EdM 129.2

    Слична на теоријата за еволуција на Земјата е онаа теорија која тврди дека човекот, славната круна на создавањето, настанал со нагорна линија од микробите, мекотелите и четвороношците.EdM 130.1

    Колку е кус човечкиот живот; колку е ограничено подрачјето на неговото дејствување; колку е стеснет неговиот видокруг кога ќе се земат предвид неговите можности за истражување; колку често и тешко се измамува во своите заклучоци, особено кога се работи за настани за кои се мисли дека ја антидатираат библиската историја; колку често неговите таканаречени научни заклучоци се менуваат или отфрлуваат; со колкава подготвеност фиктивните периоди од развојот на Земјата од време на време се продолжуваат или скусуваат за милиони години; и како теориите поддржани од различни научници се спротивставуваат една на друга — земајќи го сето тоа предвид, дали, заради предимството да можеме да го изведеме своето потекло од микробите, мекотелите и мајмуните, треба да се согласиме да го отфрлиме извештајот на Светото Писмо, толку возвишен во својата едноставност: „Бог го создаде човекот во својот лик”? (1. Мојсеева 1,27). Дали ќе го отфрлиме овој родослов, кој е поблагороден од кој било друг што се чува во царските дворови — „Син Адамов, Син Божји”? (Лука 3,38).EdM 130.2

    Правилно разбрани, научните откритија и животните искуства се согласуваат со сведоштвото на Светото Писмо за постојаното Божјо дејствување во природата.EdM 131.1

    Во химната што ја забележал Неемија, Левитите пееле: „Ти си Единствен, Господи! И го создаде небото, и небесата над небесата, и нивната војска, земјата и сё што е на неа, морињата и сё што е во нив. Ти го оживуваш сето тоа” (Неемија 9,6).EdM 131.2

    За планетата Земја Писмото изјавува дека делото на создавањето е довршено. „Делата беа извршени уште од создавањето на светот” (Евреите 4,3). Меѓутоа, Божјата сила сё уште работи на одржувањето на она што е создадено. Пулсот не чука, ниту дишењето продолжува затоа што механизмот, еднаш ставен во движење, продолжил да работи со своја сопствена природна енергија. Секое вдишување, секој удар на срцето, е доказ за грижата на Оној во кого живееме, се движиме и постоиме. Од најмалиот инсект до човекот, секое живо суштество секојдневно зависи од Неговото провидение.EdM 131.3

    „И сите овие чекаат на Тебе…
    ако им даваш, тогаш собираат.
    Ако ја отвориш раката, се наситуваат со блага.
    Скриеш ли го своето лице, тогаш се растажуваат;
    Ако им го одземеш здивот, умираат
    и пак се враќаат во прав.
    Го испраќаш својот Дух, пак се создаваат,
    И така го обновуваш лицето на земјата”
    EdM 131.4

    Псалм 104,27-30

    „Тој го оптегнува северот врз празнината,
    Тој ја држи земјата, необесена на ништо.
    Тој ја затвора водата во своите облаци, но облаците не се скинуваат под неа…
    Тој им постави меѓи на водите,
    додека не дојде крајот на светлината и темнината

    Столбовите небески се тресат
    и премираат од страв на Неговиот укор.
    Тој го скроти морето со својата сила…
    со Својот Дух ги украси небесата,
    А Неговата рака ја прободе брзата змија.
    Сё тоа е само дел од Неговите патишта,
    а колку малку сме слушнале за Него.
    Но кој може да го сфати громот на Неговата моќ?”
    EdM 131.5

    Јов 26,7-14

    „Неговиот пат е во виор и во бура,
    облаците се прав на Неговите нозе”
    EdM 132.1

    Наум 1,3

    Моќната сила која дејствува во целата природа и одржува сё, не е, како што сметаат некои научници, само некој сеопфатен принцип, некоја движечка енергија. Бог е дух; а сепак, Тој е личност, суштество; а човекот е создаден според неговиот лик. Како личност, Бог се открил во својот Син. Исус, одблесокот на славата на Таткото, „одраз на неговото битие” (Евреите 1,3), дошол на Земјата во човечко обличје. Тој дошол на свет како личност, како Спасител. Како личност, како Спасител се вознел во височините; како личност, како Спасител, посредува во небесните дворови. Пред Божјиот престол служи за нас „како Син човечки” (Даниел 7,13).EdM 132.2

    Апостол Павле, пишувајќи под влијание на Светиот Дух, за Христа изјавува дека „преку него е создадено сё… сё е преку него и за него создадено. И Тој е пред сё, и сё е во него” (Колошаните 1,16.17). Раката која ги одржува световите во просторот, раката која одржува сё по целата Божја вселена во уреден поредок и неуморна активност, тоа е раката што била прикована на крстот поради нас.EdM 132.3

    Божјата големина е несфатлива за нас. „Господовиот престол е на небесата” (Псалм 11,4); сепак, Тој е секаде присутен со Духот. Тој длабоко го познава секое дело на своите раце и лично се интересира за секое од нив.EdM 133.1

    „Кој е како Господ, нашиот Бог, кој пребива во висините
    Кој се наведнува да ги гледа нештата кои се на
    небото и земјата?
    Каде да одам од твојот Дух
    и каде да побегнам од твоето лице?
    Ако се вознесам на небото: таму си,
    ако слегнам во подземјето: и таму си.”

    „Ако ги земам крилата на зората
    и се населам на крајот на морето,
    и таму, твојата рака ќе ме води,
    Твојата десница ќе ме држи.”

    „Ти знаеш кога седнувам и кога станувам.
    Веќе оддалеку ги знаеш моите мисли.
    Дали одам или лежам…
    познати Ти се сите мои патишта…
    Ти ме опфаќаш од плеќите и од лицето,
    Твојата рака си ја ставил врз мене.
    Тоа знаење премногу е чудно за мене,
    Превисоко е,
    за да можам да му пријдам”
    EdM 133.2

    Псалм 113,5.6; 139,8-10; 139,2-6.

    Создателот на сё е Оној кој одредил средствата да бидат прекрасно прилагодени на причината и залихите на потребата. Тој самиот се погрижил секоја всадена потреба во материјалниот свет да биде задоволена. Тој е Оној кој ја создал човечката душа, со нејзината способност да знае и да сака. И Тој по својата природа не е таков што ќе може да ги остави незадоволени потребите на душата. Никаков неповредлив принцип, никакво безлично апсолутно суштество или чиста апстракција, не може да ги задоволи потребите и копнежите на човечките суштества во овој живот преполн со борба против гревот, жалоста и болката. Не е доволно да се верува во законот и силата, во она што нема сочувство, и никогаш не го слуша повикот за помош. Нам ни е потребно да знаеме за семоќната рака која нё држи, за безграничниот Пријател кој сочувствува со нас. Нам ни е потребно да стиснеме топла рака, да се потпреме на срце полно со нежност. И токму таков е Бог кој се открива во својата Реч.EdM 133.3

    Оној што најдлабоко ќе проникне во тајните на природата, најпотполно ќе ги согледа своето сопствено незнаење и слабост. Ќе сфати дека постојат длабочини и височини што не може да ги досегне, тајни во кои не може да проникне, дека пред него лежат бескрајни подрачја на вистината во кои уште никој не стапнал. Тој, заедно со Њутн, ќе биде подготвен да каже: „Ми се чини дека сум како дете кое собира камчиња и школки на морскиот брег, додека пред мене неоткриен се простира големиот океан на вистината.”EdM 134.1

    Луѓето што најдлабоко ја проучиле науката, се принудени да признаат дека во природата делува една бескрајна сила. Но, на човечкиот разум, кога е препуштен самиот на себе, поуките на природата мора да му изгледаат противречно и обесхрабрувачки. Тие можат правилно да се протолкуваат единствено во светлината на откровението. „Преку вера разбираме” (Евреите 11,3).EdM 134.2

    „Во почетокот Бог” (1. Мојсеева 1,1). Само тука умот, во своето ревносно испитување, враќајќи се како гулабицата во засолништето на арката, може да најде починка. Во височината, во длабочината, во далечината, престојува бескрајната Љубов, подесувајќи сё да ја исполни „секоја желба на својата добрина” (2. Солуњаните 1,11).EdM 135.1

    „Неговите невидливи својства, Неговата вечна сила и божеството, можат да се согледаат од создавањето на светот, набљудувани преку творбите” (Римјаните 1,20). Но нивното сведоштво можело да се разбере единствено со помош на божествениот Учител. „Зашто, кој од луѓето знае што е во човекот, освен човечкиот дух, кој е во него? Така никој не знае што има во Бога, освен Божјиот Дух” (1. Коринќаните 2,11).EdM 135.2

    „А кога ќе дојде, Тој, Духот на вистината, ќе ве упати во секоја вистина” (Јован 16,13). Единствено со помош на тој Дух кој во почетокот „се движеше над водите”; таа Реч со која „сё е создадено што е создаено”; Тоа вистинско Видело „кое го осветлува секој човек кој доаѓа на светот”, може правилно да се протолкува сведоштвото на науката. Само со нивно водство можат да се спознаат нејзините најдлабоки вистини.EdM 135.3

    Само според упатствата на Семожниот можеме да бидеме оспособени, проучувајќи ги неговите дела, да мислиме како што мислел Тој.EdM 135.4

    Larger font
    Smaller font
    Copy
    Print
    Contents