Loading...
Larger font
Smaller font
Copy
Print
Contents
Воспитување - Contents
  • Results
  • Related
  • Featured
No results found for: "".
  • Weighted Relevancy
  • Content Sequence
  • Relevancy
  • Earliest First
  • Latest First
    Larger font
    Smaller font
    Copy
    Print
    Contents

    ИСТОРИЈАТА И ПРОРОШТВОТО

    „Кој го кажа тоа од стари времиња? Нели Јас, Господ? Нема друг Бог освен мене.”
    Исаија 45,21

    Библијата е најстарата и најпотполна историја што луѓето ја имаат. Таа е чиста зашто потекнува од изворите на вечната вистина, а божествената рака низ вековите ја чувала нејзината неизвалканост. Таа го расветлува далечното минато, во кое луѓето со истражување залудно се обидувале да навлезат. Единствено во Божјата Реч ја гледаме силата која ги поставила темелите на Земјата и ги раширила небесата. Единствено тука наоѓаме веродостоен извештај за потеклото на народите. Единствено тука историјата на нашиот род е дадена неосквернета со човечка суета или предрасуди.EdM 179.1

    Во аналите на човековата историја, подемот на народите, подигнувањето и паѓањето на царствата, навидум зависат од волјата и јунаштвото на луѓето. Се чини дека развојот на настаните во голема мерка е одреден од нивната сила, амбиција или своеволие. Но, во Божјата Реч завесата е тргната настрана и ние, зад, над, и во сите игри и против-игри на човечките интереси, сила и страсти, ги гледаме орудијата на Семилостивиот кои тивко и трпеливо ги остваруваат намерите на неговата волја.EdM 179.2

    Библијата ја открива вистинската филозофија на историјата. Во овие зборови со ненадмината убавина и нежност што апостол Павле ги изговорил пред мудреците на Атина, е изразена божествената намера при создавањето и распоредувањето на расите и народите: „Тој од една крв го создаде целиот човечки род , и да се насели по лицето на целата земја и им определи одредени времиња и граници на нивните живеалишта, за да го бараат Господа; не би ли го напипале и нашле некако” (Дела 17,26.27). Бог објавил дека секој што сака може да дојде „во врските заветни” (Езекил 20,37). При создавањето, негова намера била Земјата да биде населена со суштества чие постоење ќе биде на благослов и за нив самите и за нивните ближни и на чест на нивниот Создател. Сите кои го сакаат тоа можат да постапуваат во согласност со оваа намера. За нив е речено: „Овој народот јас го создадов за себеси, тие ќе ја развестуваат мојата слава” (Исаија 43,21).EdM 180.1

    Во својот закон Бог ги открил принципите кои се темел на секој вистински успех како на народите така и на поединците. „Тоа ќе биде ваша мудрост и ваш разум” — им рекол Мојсеј на Израелците во врска со Божјиот Закон. „Тоа не е за вас празно слово, зашто тоа е ваш живот” (5. Мојсеева 4,6; 32,47). Благословите кои на овој начин им се гарантирани на Израилците, под истите услови и во иста мерка му се загарантирани на секој народ и секој поединец под целото небо.EdM 180.2

    Секој земски владетел ја примил својата моќ од Небото; и неговиот успех зависи од тоа како се служи со власта која на тој начин му е доверена. До секој поединец е упатено словото на божествениот Стражар: „Иако не Ме познаваш, јас те препашав” (Исаија 45,5). И за секого, зборовите кои некогаш му биле изговорени на Навуходоносор, се животна поука: „Искупи ги своите гревови со праведност и своите беззаконија со милосрдие спрема бедните, за да ти продолжи мирот” (Даниел 4,27).EdM 181.1

    Да се разбере ова — да се разбере дека „праведноста го возвишува народот”, дека „престолот се зацврстува со праведност” и дека „со милоста го одржува својот престол” (Изреки 14,34; 16,12; 20,28); да се препознае примената на овие принципи во покажувањето на Неговата моќ која „ги руши и ги поставува царевите” (Даниел 2,21) — значи да се разбере филозофијата на историјата.EdM 181.2

    Тоа е јасно претставено само во Божјата Реч. Тука е покажано дека силата на народите, како и на поединецот, не е во можностите или во околностите кои, навидум, ги прават непобедливи; таа не е ниту во нивната самофална големина. Таа се мери со верноста со која ја исполнуваат Божјата намера.EdM 181.3

    Приказ на оваа вистина наоѓаме во историјата на стариот Вавилон. На царот Навуходоносор вистинската цел на државната управа му била симболично прикажана со едно големо дрво, чија височина „му стигна до небото и се гледаше од сите краиштата на земјата; лисјата негови - многу убави, и плодовите на него - многубројни, и храна на него имаше за сите; под него наоѓаа сенка ѕверовите полски, а по гранките негови си правеа гнездо птиците небески” (Даниел 4,11.12). Оваа слика го покажува карактерот на владата која ја исполнува Божјата намера — влада која ја штити и изградува нацијата.EdM 181.4

    Бог го издигнал Вавилон за да ја исполни оваа намера. Тој народ го следеле успеси сё додека не го постигнал врвот на богатството и моќта, на кои никој по него не се приближил — врв кој во Писмото е прикладно претставен со симболот „глава од злато” (Даниел 2,38).EdM 182.1

    Но царот пропуштил да ја признае силата која го возвишила. Во горделивоста на своето срце Навуходоносор рекол: „Не е ли тоа големиот Вавилон што јас го изградив за да ми биде царска престолнина - со силата на својата моќ за слава на моето величество” (Даниел 4,30).EdM 182.2

    Наместо да биде заштитник на луѓето, Вавилон станал горделив и суров угнетувач. Опишувајќи ја суровоста и алчноста на владетелите во Изарел, вдахновената Реч ја открива тајната на падот на Вавилон и на многу други царства од почетокот на светот: „Се храните со масно месо, се облекувате со волна, колете дебели овни, а не ги пасете стадата. Не ги поткрепувате немоќните, не ги лечите болните, не ги преврзувате ранетите, не ги доведувате назад заскитаните, не ги барате загубените, туку господарите со нив преку насилие и жестокост” (Езекил 34,3.4).EdM 182.3

    На владетелот на Вавилон му била изречена осуда од страна на божествениот Стражар: „Тебе ти се објавува цару Навуходоносору: царството ти е одземено” (Даниел 4,31).EdM 182.4

    „Снижи се, седни во правот, девице,
    вавилонска ќерко;
    седни на земјата без престол…
    седи молчејќи, повлечи се во темнина,
    халдејска ќерко.
    Зашто нема веќе да те викаат
    владетелка на царствата.”
    EdM 182.5

    Исаија 47,1-5.

    „О, ти што престојуваш крај големите води,
    и што си богат со секакви блага!
    Сега ти дојде крајот твој и
    свршетокот на твојата лакомост.” Еремија 51,13

    „Вавилон, украс на царствата,
    убавина и горделивост халдејска,
    ќе биде како Содом и Гомор
    кога Бог ги сотре.”
    EdM 183.1

    Исаија 13,19

    „Ќе го направам ежово владение и мочуриштата. Ќе го изметам со истребувачка метла, говори Господ над
    Воинствата”
    EdM 183.2

    (Исаија 14,23).

    На секој народ кој се појавил на сцената на настаните му било дозволено да го заземе своето место на Земјата за да може да се види дали ќе ја исполни намерата на „Стражарот и Светецот” (Даниел 4,13). Пророштвото го најавило подемот и падот на големите светски царства — Вавилон, Медо-Персија, Грција и Рим. Со секое од нив, како и со народите чија што моќ била помала, историјата се повторувала. Секое царство поминало низ период на проверка, секое изневерило, славата му избледела, моќта исчезнала, а неговото место го зазело друго царство.EdM 183.3

    Иако народите ги отфрлувале Божјите принципи, и со тоа отфрлување ја предизвикувале својата сопствена пропаст, сепак било очигледно дека божествената семоќна намера се исполнувала во сите нивни движења.EdM 183.4

    Оваа поука е изразена со прекрасен симболичен приказ кој му бил даден на пророкот Езекил за време на неговото прогонство во земјата на Халдејците. Ова видение било дадено во мигот кога Езекил бил скршен од тажни сеќавања и тешки претчувства. Земјата на неговите татковци била опустошена, Ерусалим без жители, а самиот пророк бил туѓинец во земја во која владееле честољубие и суровост. Додека на сите страни гледал тиранија и зло, неговата душа ја обземала жалост и тој деноноќно тажел. Но симболите што му биле покажани откриле една сила повисока од силата на земските владетели.EdM 183.5

    На брегот на реката Хевар, Езекил здогледал виор кој навидум доаѓал од север, „голем облак, пламнат оган обвиткан самиот себеси, и блескот имаше околу него, и среде него светлина како боја од злато.” Четири живи суштества придвижувале многу тркала кои меѓусебно се вкрстувале. Високо над сето тоа „беше нешто како каменот сафир, како престол: на тоа како престол, горе на него, слично на некој човек.” „А под херувимските крила се покажа нешто како човечка рака” (Езекил 1,4. 26; 10,8). Тркалата биле толку комплицирано распоредени што на прв поглед сето тоа изгледало конфузно; но тие се движеле во совршена хармонија. Небесните суштества, одржувани и водени со раката под крилјата на херувимите, ги придвижувале тркалата; над нив, на престол од сафир, бил Вечниот; а околу престолот виножито, знак на божествената милост.EdM 184.1

    Како што компликуваниот механизам на тркалата се наоѓал под управа на онаа рака под крилјата на херувимите, така и сложената игра на човечките настани се наоѓа под божествена контрола. Среде судирите и вревата на народите, Оној кој седи над херувимите и денес сё уште управува со работите на оваа Земја.EdM 184.2

    Историјата на народите кои еден по друг го заземале своето одредено време и простор, несвесно сведочејќи во прилог на вистината чија смисла самите не можеле да ја сфатат, ни се обраќа и нам. На секој народ и на секој поединец денес, Бог му одредил место во својот голем план. Денес луѓето и народите се мерат со висулецот во раката на Оној кој не прави грешки. Сите тие со својот сопствен избор ја одредуваат својата судбина, а Бог сё води на начин на кој се исполнуваат неговите намери.EdM 184.3

    Историјата која големиот ЈАС СУМ ја зацртал во својата Реч, соединувајќи алка по алка во еден пророчки синџир, од вечноста во минатото до вечноста во иднината, ни кажува каде сме денес во одот на вековите, и што може да се очекува во времето што ќе дојде. Сё што пророштвото објавило дека ќе се случи сё до нашите денови, е забележано на страниците на историјата, и ние можеме да бидеме сигурни дека по својот ред ќе се исполни и сё она што допрва треба да се случи.EdM 185.1

    Конечната пропаст на сите земски царства е јасно проречена во Речта на вистината. Во пророштвото објавено при изрекувањето на Божјата осуда врз последниот цар на Израелот, е дадена веста:EdM 185.2

    „Вака вели Господ: ‘Соблечи ја митрата и одложи ја круната!… кој се возвишил, ќе биде понижен, и кој се понижил, треба да биде воздигнат. Јас ќе ја соборувам круната, ќе ја соборувам, ќе ја соборувам и веќе нема да ја има, додека не дојде Оној чија што треба да биде; и нему ќе му ја дадам’” (Езекил 21,31.32).EdM 185.3

    Круната земена од Израелците последователно преминувала низ царствата на Вавилон, Медо-Персија, Грција и Рим. Бог вели: „И веќе нема да ја има, додека не дојде Оној чија што треба да биде; и нему ќе му ја дадам.”EdM 185.4

    Ова време е близу. Денес знаците на времето најавуваат дека стоиме на прагот на големи и свечени настани. Сё во нашиот свет е зовриено разбрането. Пред нашите очи се исполнува пророштвото на Спасителот за настаните што му претходат на Неговото доаѓање: „Ќе чуете за војни и гласови за војни… Зашто ќе се дигне народ против народ, и царство против царство: и ќе има глад и помор и замјотреси на разни места” (Матеј 24,6.7).EdM 185.5

    Сегашното време е особено важно за сите живи. Владетелите и државниците, луѓе на доверливи положби и со авторитет, мисловните припадници на сите општествени слоеви, го насочиле своето внимание на настаните што се одигруваат околу нас. Тие ги следат напнатите и немирни меѓународни односи. Ја набљудуваат сё посилната активност на сите земски елементи и сфаќаат дека нешто големо и решавачко наскоро ќе се случи — дека светот се наоѓа на прагот на една страотна криза.EdM 186.1

    Ангелите сега ги задржуваат ветровите на судирот да не дуваат сё додека светот не биде предупреден на судбината што му се заканува; но бурата се подготвува, готова да ја опустоши Земјата; и кога Господ ќе им заповеда на своите ангели да ги одврзат ветровите, ќе избие таков судир што ниту едно перо нема да може да го опише.EdM 186.2

    Библијата, и само Библијата правилно ги опишува сите настани. Во неа се откриени големите завршни сцени од историјата на нашиот свет, настани во чија сенка веќе се наоѓаме; од татнежот на нивното приближување Земјата трепери, и човечките срца се исполнуваат со страв.EdM 186.3

    „Ете, Господ ја запустува земјата, ја разурнува ў го обезобразува лицето, ги распрснува нејзините жители… зашто тие го престапија законот, ги сменија одредбите, го нарушија вечниот завет. Затоа проклетство ја проголтува земјата, нејзините жителите трпат казна… прекрати веселбата покрај тимпаните, замре разиграната врева, стивнаа звуците на гуслето” (Исаија 24,1-8)EdM 186.4

    „О, каков ден! Зашто Господовиот ден е близу и доаѓа како запустување од Севишниот... зрната се изгниени под грутките; пусти се житниците, срушени се амбарите, зашто снема жито. Како воздивнува добитокот! Здивени стада говеда, скитаат, зашто им нема пасиште. Па и стада овци ја поднесуваат казната” (Јоил 1,15.17.18).EdM 186.5

    „Срцето ми се раскинува… не можам да молчам зашто ти слушаш душо моја, звук од труба, боен повик. Соопштуваат гибел врз гибел, сета земја е ограбена” (Еремија 4,19, 20)EdM 187.1

    „Ја гледам земјата: пуста е, еве и празна; и небесата - нема на нив светлина. Ги гледам горите: тие треперат, а сите ридови се растресени. Гледам: ете нема човек, сите небесни птици одлетале. Гледам: еве, плодното поле запусте, Господ ги разурна сите градови” (Еремија 4,23-26).EdM 187.2

    „О, зашто е голем овој ден, сличен нему не бил! Време на неволја е за Јакова, но ќе се избави од неа” (Еремија 30,7).EdM 187.3

    „Ајде народе мој, влези во собите и затвори ги вратите зад себе. Скриј се за миг, додека не помине гневот” (Исаија 26,20).EdM 187.4

    „Зашто ти од направи од Господа кој е мое засолниште,
    Дури Севишниот ти го избра за твоја закрила.
    Нема да те најде несреќа,
    зло нема да се приближи до твојот шатор”
    EdM 187.5

    Псалм 91,9.10

    „Моќниот Господ, Бог прозбори,
    ја повика земјата од изгрејсонце до зајдисонце.
    Од прекрасниот Сион, Бог заблиста:
    нашиот Бог доаѓа и не молчи.”
    „Тој ги повикува одозгора небесата и земјата,
    за да му суди на Својот народ;
    Небесата ја објавуваат Неговата праведност:
    Зашто Тој е Бог судија.”
    EdM 187.6

    Псалм 50,1-3; 50,4-6

    „Сионска ќерко… таму ќе те откупи Господ од рацете на твоите непријатели. А сега многу народи се собраа против тебе. Тие зборуваат: ‘Нека се обесчести, нашите очи нека се наситат со Сион!’ Но Господовите мисли тие не ги знаат и не ги разбираат Неговите намери” (Михеј 4,10-12). „Те викаа: ‘Истераната’ и ‘Сионка за која никој не прашува.’ „Господ зборува вака: ‘Еве ќе ја изменам судбината на Јакововите шатори ќе им се смилувам на неговите шатори’” (Еремија 30,17.18).EdM 188.1

    „И ќе се рече во тој ден: Ете, Овој е нашиот Бог,
    во него се надевавме, Тој ќе нё спаси;
    Тој е Господ, него го чекавме!
    Да се возрадуваме и веселиме
    на неговото спасение.”
    EdM 188.2

    „Тој ќе ја проголта смртта засекогаш; ... ќе го симне срамот на Својот народ од целата земја: зашто Господ рече така” (Исаија 25,9.8)EdM 188.3

    „Погледај на Сион, градот на нашите празници: твоите очи ќе го видат Ерусалим, мирно престојувалиште, непоколеблива скинија… Зашто Господ е наш судија, Господ е наш Законодавец, Господ е наш Цар” (Исаија 33,20-22).EdM 188.4

    „Ќе им суди по праведност на бедните, и прав суд ќе им изречува на бедните на земјата” (Исаија 11,4).EdM 188.5

    Тогаш ќе се исполни Божјата намера; сите кои живеат под сонцето ќе ги почитуваат принципите на неговото царство.EdM 188.6

    „Веќе не ќе се слуша за насилство во твојата земја,
    ни за запустување и разурнување на твое подрачје.
    Своите ѕидови ќе ги наречуваш Спасение
    својата врата — Слава” „Ќе бидеш основана на праведност.
    Ќе бидеш далеку од насилства;
    бидејќи ќе нема од што да се плашиш;
    далеку ќе биде од тебе и ужасот,
    зашто тој нема да ти се доближи”
    EdM 188.7

    Исаија 60,18; 54,14

    Пророците на кои им биле откриени овие големи сцени копнееле да го разберат нивното значење. Тие „бараа и... испитуваа внимателно… на кое и на какво време посочуваше Христовиот Дух, кој беше во нив… ним им беше откриено дека не служеа за себе, туку за вас со ова што сега ви го објавија… во што ангелите сакаат да вникнат” (1. Петрово 1,10-12).EdM 189.1

    За нас кои стоиме на прагот на нивното исполнување, колку длабоко значење имаат и колку жив интерес будат овие описи на она што ќе дојде - описи на настаните кои Божјите деца ги очекувале, на кои внимавале, по кои копнееле и за кои се молеле откако нашите прародители ја напуштиле Едемската градина!EdM 189.2

    Во ова време, пред големата конечна криза, како и пред првото уништување на светот, луѓето се занесени во уживања и задоволувања на телесните желби. Окупирани со она што е видливо и поминливо, тие го загубиле предвид она што е невидливо и вечно. Ги жртвувале непропадливите богатства за она што со употреба се троши. Нивниот ум треба да се издигне, нивниот поглед на живот да се прошири. Тие мораат да се разбудат од мртвилото на световните соништа.EdM 189.3

    Од издигнувањето и пропаѓањето на народите, кое е толку јасно прикажано на страниците на Светото Писмо, тие треба да научат колку е безвредна славата ако е само надворешна и световна. Вавилон, со сета своја моќ и сјај, какви што светот оттогаш нема видено — моќ и сјај кои на луѓето од тоа време им изгледале толку стабилни и трајни — исчезнал без трага! Пропаднал како „полски цвет”! Така пропаѓа сё што не е втемелено на Бога. Непоминливо може да биде само она што е во согласност со Неговите намери и што е одраз на Неговиот карактер. Неговите принципи се единственото трајно нешто во овој свет.EdM 189.4

    Овие големи вистини треба да ги научат и старите и младите. Ние мораме да го проучуваме остварувањето на Божјата намера како во историјата на народите така и во откровението на идните настани, за да можеме да ја процениме вистинската вредност на она што може и на она што не може да се види; да можеме да разбереме што е вистинската цел на животот; да можеме, гледајќи го она што е минливо во светлината на вечното, да го исползуваме минливото на најдобар и најблагороден начин. И така, учејќи ги тука принципите на неговото царство и станувајќи негови поданици и граѓани, ние можеме да се подготвиме да влеземе со него во неговиот имот, кога Тој ќе дојде.EdM 190.1

    Тој ден е пред вратата. Времето што останува е мошне кусо за поуките кои треба да се научат, за работата што треба да за изврши и за преобразувањето на карактерот што треба да се постигне.EdM 190.2

    „Еве што се зборува во Израилевиот дом: ‘Видението, што тој го виде е за далечни денови! Пророкува за далечни времиња!’ Затоа речи им: ‘Господ Бог, зборува вака: Ниедно мое слово нема веќе да се одложи! Што реков, речено е и сё ќе се исполни! — Говори Господ Бог’” (Езекил 12,27.28).EdM 190.3

    Larger font
    Smaller font
    Copy
    Print
    Contents