Loading...
Larger font
Smaller font
Copy
Print
Contents
Воспитување - Contents
  • Results
  • Related
  • Featured
No results found for: "".
  • Weighted Relevancy
  • Content Sequence
  • Relevancy
  • Earliest First
  • Latest First
    Larger font
    Smaller font
    Copy
    Print
    Contents

    ОБУЧУВАЊЕ ЗА РАБОТА

    „Да настојувате усрдно… да работите со своите раце”
    1.Солунјаните 4,11

    При создавањето, работата била одредена како благослов. Таа значела напредување, сила, среќа. Изменетата состојба на Земјата, настаната поради проклетството на гревот, предизвикала и промена на работните услови. Но, иако е сега проследена со грижа, замор и мака, работата останала извор на среќа и напредок. Таа е, исто така и брана против искушенијата. Работната дисциплина го зауздува угодувањето на сопствените склоности, а ги поттикнува трудољубивоста, непорочноста и цврстината. Така, работата станува дел од големиот Божји план за нашето закрепнување од паѓањето во гревот.EdM 224.1

    На младите треба да им се помогне да го разберат вистинското достоинство на работата. Покажете им дека Бог е работник кој постојано работи. Сё во природата го извршува делото што му е доверено. Целиот свет се наоѓа во состојба на активност и, за да ја исполниме својата мисија, и ние мораме да бидеме активни.EdM 224.2

    Ние мораме во својата работа да соработуваме со Бога. Тој ни ги дава земјата и нејзините сокровишта; но ние мораме да ги прилагодиме кон нашите потреби и удобноста. Тој го предизвикува растењето на дрвјата; но ние го подготвуваме градежниот материјал и ја ѕидаме куќата. Тој ги сокрил среброто и златото, железото и јагленот во земјата; ние можеме да дојдеме до нив само со напорна работа.EdM 225.1

    Иако Бог создал сё и постојано надгледува сё, покажете дека сепак и нам ни дал моќ која не е сосем поинаква од неговата. Нам ни е дадена извесна мерка на власт над природните сили. Како што Бог ја извел Земјата во нејзината убавина од хаос, така и ние можеме збрката да ја претвориме во ред и убавина. Иако сега сё е расипано од злото, сепак, по завршената работа и ние чувствуваме радост слична на неговата кога, гледајќи ја прекрасната Земја, објавил дека сё е „многу добро”.EdM 225.2

    По правило, полезното вработување е најблаготворна вежба за младите. За малото дете играта е можност за забава и развој; а неговите активности треба да бидат одбрани така што ќе го потпомагаат не само физичкото туку и менталното и духовно растење. Кога ќе се здобие со сила и разум, најдобра рекреација за него ќе биде некоја полезна работа. Она што ја увежбува раката да понуди помош, и ги учи младите да го носат својот дел од животните товари, најделотворно придонесува за развој на умот и карактерот.EdM 225.3

    Младите треба да научат дека животот значи сериозна работа, одговорност и грижа. Ним им е потребна обука која ќе им даде практично знаење - од нив ќе направи мажи и жени кои можат да се соочат со тешкотиите. Тие треба да научат дека дисциплината на систематската, добро организирана работа е неопходна, не само као заштита од ненадејни, непредвидени промени во животот, туку и како помош во сестраниот развој.EdM 225.4

    И покрај сё што е кажано и напишано за достоинството на работата, сепак преовладува мислењето дека работата понижува. Момчињата сакаат да станат наставници, службеници, трговци, лекари, правници, или да заземат некоја друга положба која не бара физички напор. Девојките ги одбегнуват домашните работи и бараат некое друго образование. Таквите треба да научат дека чесната физичка работа не може да понижи ниту еден маж или жена. Она што понижува, тоа е препуштањето на безделничење и себичното искористување на другите. Безделничењето наведува на попуштање на своите апетити, и животот станува празен и безвреден — поле подготвено за растење на секое зло. „зашто земјата која го впива дождот, што често паѓа на неа, и која им раѓа полезни растенија на оние за кои и се обработува, добива благослов од Бога; но ако раѓа трње и боцки, не чини и е близу до проклетството; нејзиниот крај е во горењето” (Евреите 6,7.8).EdM 226.1

    Многу школски предмети на кои ученикот го троши своето време не се неопходни за тој да биде полезен и среќен; но на секое момче и девојка им е неопходно потребно темелно да ги запознае секојдневните должности. Ако е потребно, младата девојка може да биде без познавање на францускиот јазик и алгебрата, не мора да знае ниту да свири на клавир; но таа безусловно мора да научи да прави добар леб, да сошие добро скроена облека и успешно да извршува многу должности кои спаѓаат во водење на домаќинството.EdM 226.2

    За здравјето и среќата на целото семејство ништо не е толку важно како умешноста и знаењето на готвачката. Со лошо подготвена, нездрава храна, таа може да ја намали или сосема да ја уништи работоспособноста на возрасните и да го попречи развојот на детето. Но, подготвувајќи храна прилагодена на потребите на телото, а истовремено и примамлива и вкусна, таа може да постигне толку добрини колку што во спротивниот случај би нанела штета. Така, на многу начини, среќата во животот е поврзана со верноста во обичните должности.EdM 226.3

    Бидејќи во водењето на домаќинството учествуваат и мажите и жените, и момчињата и девојчињата треба да научат да извршуват должности во домот. Да се намести постелата, да се суреди собата, да се измијат садовите, да се подготви оброк, да се испере и закрпи својата облека, тоа е знаење кое ниту едно момче нема да го направи помалку мажевно; тоа ќе го направи посреќно и пополезно. Ако девојчињата, од друга страна, научат да го впрегнат коњот и да управуваат со него, да се служат со пила и чекан, како и со гребло и мотика, тие ќе бидат поспособни да им се спротивстават на животните неволји.EdM 227.1

    Децата и младите треба од Библијата да научат колку Бог ја вреднува работата на обичниот трудбеник. Нека читаат за „пророчките синови” (2. Царевите 6,1-7), учениците на пророчкото училиште, кои граделе куќи за себе, и поради кои било направено чудо за да ја добијат загубената секира што била позајмена. Нека читаат за Исус дрводелецот, за Павле изработувачот на шатори, кои со занаетчиската работа ја поврзале највозвишената служба, човечката и божествената. Нека читаат за момчето чии пет лебови Спасителот ги употребил да направи прекрасно чудо и да го нахрани мноштвото; за Тавита кројачката, вратена од смртта да продолжи да прави облека за сиромасите; за мудрата жена опишана во Соломоновите мудри изреки, која „набавува волна и лен, и вешто работи со своите раце”, која „ги храни своите домашни и им одредува работа на своите прислужнички”, која „сади лозје... ги зајакнува своите мишки”, која „ја отвора својата дланка на бедниот, ги испружува рацете кон оној, кој има потреба”, која „внимава на поведението на своите домашни, и не го јаде лебот на мрзливоста” (Мудри изреки 31,13.15.16.17.20.27).EdM 227.2

    За таквата жена Бог вели: „Таа е достојна за пофалба. Дајте ў од плодот на нејзините раце, и нека нејзините дела ја прославуваат при вратите!” (Мудри изреки 31,31).EdM 228.1

    За секое дете прво занаетчиско училиште треба да биде домот. И, колку е тоа можно, секое училиште треба да има можности да ги обучува учениците на занаетчиски работи. Ваквата обука може во голема мерка да ја замени гимнастичката сала, со дополнителна полза да ги навикнува учениците на скапоцена дисциплина.EdM 228.2

    Обучувањето за занаетчиска работа заслужува многу поголемо внимание од она што му се посветува. Би требале да се формираат училишта кои, покрај највисока ментална и морална култура, ќе даваат најдобри можности за физички развој и учење на занает. Би требала да се одржува настава по агрокултура, мануфактура, опфаќајќи колку е можно повеќе најполезни занаети — потоа економика на домаќинството, здрав начин на готвење, шиење, изработка на здрава облека, лекување болни и слични предмети. Би требало да се поведе сметка да се имаат зеленчукови градини, работилници и амбуланти, а работата на секое подрачје би морала да биде под управа на вешти инструктори.EdM 228.3

    Работата треба да има одредена цел и да биде темелна. Иако секому му е потребно извесно познавање на различни занаетчиски работи, секој неизоставно би морал да биде умешен најмалку во една. Напуштајќи го училиштето, секое момче и секоја девојка би морале да бидат обучени на некој занает или занимање со кое, во случај на потреба, би можеле да заработуваат за живот.EdM 228.4

    Најчестиот приговор против занаетчиската обука во училиштата се големите трошоци кои таквата обука ги побарува. Но целта што се постигнува е вредна за трошоците. Ниту една друга работа што ни е доверена не е толку важна како обучувањето на младите, и секој трошок за нејзино успешно извршување значи добро вложување на парите.EdM 229.1

    Дури и од аспект на финансиските резултати, издатоците за занаетчиското обучување се покажуваат како многу рентабилни. Мноштво наши момчиња на тој начин ќе се сочуваат од улицата и кафеаната; трошоците околу зеленчуковите градини, работилниците и бањите ќе бидат повеќе од надоместени преку заштедата на болници и поправни домови. Самата младина со вака добиените работни навики е увежбана да работи полезно и продуктивно — кој може да ја процени нејзината вредност за општеството и за народот?EdM 229.2

    За опуштање по учењето, најполезно е да се извршуваат работи кои го ставаат во движење целото тело, и тоа на свеж воздух. Ниедна област од занаетчиската обука не е поскапоцена од агрокултурата. Би требале да се вложат поголеми напори да се создаде и поттикне интерес за земјоделските работи. Наставникот треба да го насочи вниманието на учениците кон она што Библијата го вели за земјоделството: дека според Божјиот план човекот требал да ја обработува земјата; дека првиот човек, управникот на целиот свет, добил градина која требал да ја обработува; дека многу од најголемите луѓе во светот, неговото вистинско благородништво, биле земјоделци. Покажете ја вредноста на таквиот живот. Мудриот човек вели: „И царот е служен од нивите!” (Проповедник 5,8). За оној кој обработува земја, Библијата изјавува: „Неговиот Господ го упатува; Тој го учи на вистинско дело” (Исаија 28,26). И повторно: „Кој ја чува смоквата, јаде од нејзиниот плод” (Мудри изреки 27,18). Кој заработува за живот занимавајќи се со земјоделство, одбегнува многу искушенија и ужива неброени предимства и благослови кои им се ускратени на оние што работат во големите градови. И во овие денови на мамутски трустови и деловна конкуренција, малкумина уживаат толку вистинска независнот и толку голема сигурност дека ќе добијат праведна награда за својата работа, како оние што ја обработуваат земјата.EdM 229.3

    При изучувањето на агрокултурата учениците не треба да се занимаваат само со теорија, туку и со пракса. Додека го учат она што науката може да им го каже за природата и подготвувањето на почвата, за вредноста на различни култури и за најдобрите методи на производство, дајте им можност да го испробаат своето знаење на дело. И наставниците треба да работат заедно со учениците и да покажат какви резултати можат да се постигнат со вешти и разумни напори. Така може да се разбуди вистински интерес, амбиција да се заврши работата на најдобар можен начин. Таквата амбиција, заедно со окрепувачкото дејство на физичките напори, сончевата светлина и чистиот воздух, ќе создаде љубов кон земјоделската работа, и врз многу млади ќе има одлучувачко влијание при изборот на професијата. На тој начин би можеле да се засилат влијанијата кои со своето далекусежно дејство ќе ја сменат насоката на миграциониот бран кој е сега толку силно насочен кон големите градови.EdM 230.1

    Така и нашите училишта би можеле успешно да придонесат за вработувањето на многу невработени. Илјадници беспомошни и изгладнети суштества, од кои мнозина секојдневно преминуваат во редовите на престапниците на законот, би можеле сами да се издржуваат и да живеат среќен, здрав и самостоен живот кога би научиле умешно и трудољубиво да ја обработуваат земјата.EdM 230.2

    Меѓутоа, и на умствените работници им се неопходни благодетите од физичката работа. Некој може да има блескав ум; може бргу да разбира; неговото знаење и умешност можат да му овозможат занимавање со професијата што ја одбрал; но, тој и понатаму може да биде физички неподготвен за товарот на таа професија. Образованието, главно добиено од книги, наведува на погрешно размислување. Практичната работа поттикнува на внимателно набљудување и самостојно размислување. Ако внимателно се извршува, таа го потпомага развојот на онаа практична мудрост која ја нарекуваме здрав разум. Практичната работа ја развива способноста за планирање и извршување, ја зајакнува храброста и издржливоста и бара покажување на тактичност и умешност.EdM 231.1

    Лекарот кој ги положил темелите на своето стручно знаење со практична работа во собата на болниот, ќе се здобие со брзина во забележувањето, сестрано знаење и способност да ја пружи потребната помош во итни случаи — сите битни квалификации кои во таа мерка можат да се добијат само со практична обука.EdM 231.2

    Проповедникот, мисионерот, наставникот, ќе согледаат дека знаењето и умешноста при извршувањето на практичните должности од секојдневниот живот многу им го поткреваат угледот меѓу луѓето. Честопати успехот, а можеби и животот на мисионерот, зависат од неговото практично знаење. Способноста да подготвува храна, да се соочува со несреќи и неволји, да лекува болести, да гради куќа или црква, ако е потребно — честопати одлучува дали тој ќе успее или ќе претрпи неуспех во своето животно дело.EdM 231.3

    Најскапоцена вежба во процесот на образованието на многу ученици би било настојувањето самите да ги покријат трошоците за своето школување. Наместо да создаваат долгови или да се потпираат на жртвите кои ги поднесуваат нивните родители, момчињата и девојките треба да се потпрат врз себеси. Така ќе ја согледаат вредноста на парите, вредноста на времето, силата и можностите, и ќе бидат многу помалку изложени на искушението да станат мрзливи и расипни. Така усвоените принципи на економичност, трудољубивост, самооткажување, практично управување со работите, цврстина во намерите, ќе се покажат како најважен дел од нивната опрема за животната борба. А принципот на самопомагање, кога учениците ќе го прифатат, многу ќе придонесе за да се сочувуваат образовните институции од товарот на долговите, со кој многу училишта се борат и кој толку ја намалува нивната полезност.EdM 232.1

    На младите треба да им се втисне мислата дека образованието не ги учи како можат да се избегнат непријатните животни должности и тешките товари; туку како со подобри методи и повозвишени цели може да се олесни работата. Научете ги дека вистинската животна цел не е стекнување најголема добивка за себеси, туку оддавање почест на својот Создател преку извршување на својот дел од работите во светот и давање рака помошничка на оние кои се послаби или имаат помалку знаење.EdM 232.2

    Основната причина зошто физичката работа се омаловажува е фактот што таа често се извршува толку немарно и механички. Човекот работи затоа што мора, а не затоа што сака. Работникот не работи од срце, не се почитува самиот себеси ниту задобива почитување од другите. Обучувањето за работа треба да ја исправи оваа грешка. Тоа треба да развие навики на точност и темелност. Учениците мораат да се учат на тактичност и систематичност, мораат да научат да го штедат времето и да го пресметаат секое движење. Не треба само да им се покажат најдобрите методи, туку треба да се вдахнат и со амбиција постојано да се усовршуваат. Нивна цел треба да биде своето дело да го направат онолку совршено колку е тоа можно за човечкиот ум и рацете.EdM 232.3

    Таквата обука од младите ќе направи господари, а не робови на работата. Таа ќе ја олесни судбината на тешкиот трудбеник и ќе ја облагороди дури и најскромната професија. Оној што работата ја смета за измачување, кој на работата ў пристапува сосема задоволен од своето незнаење не правејќи никаков напор да се усоврши, навистина работата ќе ја смета за товар. Но оние, кои и најскромната работа ќе ја сметаат за умешност, во неа ќе најдат благородност и убавина и ќе уживаат да ја извршуваат верно и ефикасно.EdM 233.1

    Сё додека е така воспитан, без оглед на тоа со која чесна професија ќе се занимава во животот, младиот човек ќе биде полезен и угледен на својата положба.EdM 233.2

    Larger font
    Smaller font
    Copy
    Print
    Contents