УЧИЛИШТЕТО ВО ЕДЕМ
„Блажен е човекот што ја нашол мудроста. „
Мудри изреки 3,13EdM 13.1
Системот на воспитување воспоставен во почетокот на светот бил одреден да им служи како пример на луѓето vо сите идни времиња. За да се прикажат принципите на тој систем во Едем, домот на нашите прародители, било основано училиште кое требало да служи како пример. Едемската градина била училницата, природата учебникот, самиот Создател бил Учителот, а родителите на човечкиот род биле учениците.
Создадени да бидат „слика и слава Божја” (1. Коринќаните 11,7), Адам и Ева примиле дарови достојни за својата висока одредба. Складни и сразмерни по обликот, со правилни и убави црти на лицето, со појава која одразувала полно здравје и зрачела со радост и надеж, тие со својата надворешност биле слични на ликот на својот Создател. Оваа сличност не се откривала само во нивната физичка природа. Секоја нивна духовна и душевна способност ја одразувала славата на Создателот. Надарени со високи душевни и духовни дарови, Адам и Ева биле создадени „само малку подолу од ангелите” (Евреите 2,7), за да можат да ги забележуваат не само чудесата на видливата вселена туку и да ги разберат своите морални одговорности и обврски.EdM 13.2
„И Господ, Бог, насади градина на исток во Едем, и таму го смести човекот, кого го обликува. Тогаш Господ, Бог, направи та од земјата изникна секое дрво ‘убаво за гледање и добро за јадење’ и дрвото на животот, среде градината” (1. Мојсеева 2,8.9). Тука, среде овие прекрасни слики на природата, негибната од гревот, нашите прародители требало да го добијат своето воспитување.EdM 14.1
Заинтересиран за Своите деца, нашиот небесен Татко лично управувал со нивното воспитување. Не ретко ги посетувале и Неговите весници, светите ангели, кои им давале совети и поуки. Често, чекорејќи низ градината „кога ќе залади”, го слушале Божјиот глас и разговарале лице в лице со Вечниот. Неговите мисли за нив биле „замисли за мир, а не за зло” (Еремија 29,11). Секоја негова намера го имала за цел нивното највисоко добро.EdM 14.2
На Адам и Ева им било доверено да се грижат за градината, „да ја обработуваат и да ја чуваат” (1. Мојсеева 2,15). Иако богати со сё што Сопственикот на вселената можел да им понуди, тие не смееле да бидат безделници. Полезната работа им била одредена како благослов да го зајакне нивното тело, да го развие нивниот ум и да го изгради нивниот карактер.EdM 14.3
Книгата на природата која пред нив ги простирала своите живи лекции, им давала неисцрпни извори на поука и задоволство. На секој лист во шумата, на секој камен во планината, на секоја сјајна ѕвезда, на земјата, во морето и на небото било напишано Божјото име. Жителите на Едем се среќавале како со живата така и со неживата природа — со листот, цветот и дрвото, и со секое живо создание, од левијатанот во водите, до честичката што лебди во сончевиот зрак — собирајќи ги од секое тајните на нивниот живот. Божјата слава во небесата, неброените светови во своето правилно опкружување, „рамнотежата на облаците” (Книгата за Јов 37,16), тајните на светлината и звукот, денот и ноќта — тоа биле предметите што ги проучувале учениците во првото училиште на Земјата.EdM 14.4
Бесконечниот зачетник на сё им ги откривал на нивниот ум законите на случувањата во природата, како и големите принципи на вистината кои управуваат со духовниот свет. Во „светлината на познавањето на славата Божја” (2. Коринќаните 4,6) нивните душевни и духовни моќи се развивале и тие ги запознале највозвишените задоволства на своето свето постоење.EdM 15.1
Кога излегле од рацете на Создателот, не само Едемската градина туку и целата Земја била неизмерно убава. Никаква дамка од гревот, никаква сенка на смртта не ја расипувала убавината на создавањето. Божјата слава „ги покри небесата и Земјата беше полна со пофалбата Негова” (Авакум 3,3). „Додека воскликнуваа утринските ѕвезди и кога сите синови Божји извикуваа од радост” (Книгата за Јов 38,7). Така, Земјата станала соодветен симбол на Оној кој е полн со „милост и вистина” (2. Мојсеева 34,6) и прикладен предмет на проучување за оние кои биле создадени според Неговиот лик. Едемската градина била слика на она што Бог сакал да стане целата Земја и Негова цел била човечкото семејство множејќи се да формира други домови и училишта според примерот на она кое Тој го основал. Така, со текот на времето, целата Земја би била населена со домови и училишта во кои би се проучувале Божјите зборови и дела и во кои учениците на тој начин би се оспособувале сё поцелосно и поцелосно да ја одразуваат, во текот на целата вечност, светлината на познавањето на Неговата слава.EdM 15.2