Loading...
Larger font
Smaller font
Copy
Print
Contents
Воспитување - Contents
  • Results
  • Related
  • Featured
No results found for: "".
  • Weighted Relevancy
  • Content Sequence
  • Relevancy
  • Earliest First
  • Latest First
    Larger font
    Smaller font
    Copy
    Print
    Contents

    МЕТОДИ НА ПОУЧУВАЊЕ

    „Да им се даде на простите разумност; а на младите - знаење и расудување”
    Изреки 1,4

    Образованието со векови, главно, се стекнувало со паметење. Оваа способност била оптоварена до крајни граници, додека другите умствени сили не се развивале во соодветна мера. Учениците го поминувале времето во мачно натрупување на знаење кое многу малку можело да се употреби. Така оптоварен со она што не може ниту да го обработи ниту да го прими, умот ослабнува, станува неспособен за силен самостоен напор, и се задоволува со потпирање врз заклучоците и забележувањата на другите.EdM 242.1

    Согледувајќи ја слабоста на оваа метода, некои отишле во друга крајност. Според нивното мислење, човекот треба да го развива само она што е во него. Ваквото образование го наведува ученикот на самозадоволност, одвојувајќи го од изворот на вистинското знаење и сила.EdM 242.2

    Образованието кое се состои од вежбање на помнењето и не го охрабрува самостојното размислување, има морални последици за кои многу малку се размислува. Кога ученикот ќе ја жртвува способноста на самостојното расудување и заклучување, станува неспособен да ја разликува вистината од лагата, и паѓа како лесен плен на измамата. Тој може лесно да се наведе да тргне по традицијата и обичаите.EdM 243.1

    Многу често се занемарува фактот, што е секогаш опасно, дека заблудата никогаш не се прикажува во нејзината вистинска светлина. Таа се прифаќа затоа што се меша или поврзува со вистината. Земањето на плодот од дрвото за познавање на доброто и злото ја предизвикало пропаста на нашите прародители, а прифаќањето на мешавина на добро и зло и денес упропастува мажи и жени. Умот кој се потпира врз туѓи заклучоци порано или подоцна сигурно ќе биде заведен.EdM 243.2

    Способноста да се разликува она што е вистинско од она што е погрешно можеме да ја добиеме единствено со лично потпирање врз Бога. Секој мора сам за себе да учи од Него од неговата Реч. Моќта на расудување ни е дадена за да ја употребуваме, и Бог очекува да се служиме со неа. „Дојдете сега па да пресудиме заедно!” (Исаија 1,18) - Нё повикува Тој. Потпирајќи се врз Него можеме да се здобиеме со мудрост да го „отфрлиме злото и да го избереме доброто” (Исаија 7,15; Јаков 1,5).EdM 243.3

    Личниот елемент е од голема важност при секое вистинско подучување. Како Учител, Христос ги подучувал луѓето поединечно. Токму со личен контакт и дружење Тој ги обучил дванаесеттемината. Токму во четири очи, често пред само еден слушател, ги давал своите најдрагоцени совети. На почитуваниот рабин при ноќниот разговор на Маслинската гора, на презрената жена на Сихарскиот кладенец Тој им ги отворил своите најбогати сокровишта бидејќи кај тие слушатели открил приемчиво срце, отворен ум и чувствителен дух. Дури ни мноштвото кое толку често се туркало по неговите стапки, за Христа не било нејасна маса човечки суштества. Тој му говорел директно на секој ум и се обраќал на секое срце. Ги набљудувал лицата на своите слушатели, ги забележувал сјајот ведрината на лицето, брзите и охрабрувачки погледи кои му говореле дека вистината допрела до душата; и како одговор на тоа, во неговото срце ќе засвирела нишка на сочувствителна радост.EdM 243.4

    Христос ги воочувал способностите на секое човечко суштество. Него не можеле да го одбијат неугледната надворешност, ниту неповолните околности. Тој го повикал Матеј од царинарницата, а Петар и неговите браќа од рибарскиот чамец за да учат од Него.EdM 244.1

    И денес во воспитното дело треба да се покаже иста заинтересираност за поединецот, исто внимание за неговиот развој. Мнозина навидум неспособни млади луѓе се богато обдарени со таленти кои воопшто не се искористени. Нивните способности лежат скриени затоа што нивните воспитувачи немаат дар да ги воочат. Многу момчиња или девојчиња, однадвор исто толку непривлечни како еден грубо обработен камен, можат да претставуваат скапоцен материјал кој ќе ги издржи проверки на жештината, бурата и притисокот. Вистинскиот воспитувач, кој гледа што можат да станат неговите ученици, ќе ја разбере вредноста на материјалот што го обработува. Тој лично ќе се заинтересира за секој ученик и ќе се труди да ги развие сите негови способности. Колку и да е несовршен, секој напор на ученикот да ги прифати добрите принципи треба да биде охрабрен.EdM 244.2

    Сите млади треба да научат да ги согледаат неопходноста и значењето на трудољубивоста. Успехот многу повеќе зависи од неа отколку од извонредните дарби надарноста или талентот. Без трудољубивост и најсјаните таленти не вредат многу, додека со правилно насочени напори лицата со сосем просечни природни способности постигнувале чуда. Генијалноста, на чии достигања им се восхитуваме, речиси секогаш е поврзана со неуморни, сосредоточени напори.EdM 245.1

    Младите треба да бидат поучени да се стремат кон развивање на сите свои способности, како на помалите, така и на поголемите. Мнозина се наклонети да го ограничат своето учење на одредени подрачја, кон кои имаат природни склоности. Тоа е грешка од која треба да се чуваме. Природните склоности укажуваат на насоката во животната професија и, ако се добри, треба внимателно да се негуваат. Истовремено, мора да се има на ум дека врамнотежниот карактер и успешната работа, во голема мерка, зависат од хармоничниот развој кој е резултат на грижлива и сестрана подготовка.EdM 245.2

    Наставникот мора постојано да се труди неговите предавања да бидат едноставни и влијателни. Тој во наставата мора да се служи со мноштво илустрации; па дури и кога им се обраќа на постарите ученици, мора да се труди секое негово објаснување да биде едноставно и јасно. Многу ученици од постарите одделенија се само деца според способноста на разбирање.EdM 245.3

    Важен елемент во воспитното дело е ентузијазмот. Во тој поглед може да ни биде од полза изјавата која некогаш ја дал еден славен актер. Него надбискупот од Кентербери го запрашал зошто актерите во театарските претстави толку силно влијаат врз своите слушатели кога зборуваат за нешто што е измислено, додека проповедниците на Евангелието често имаат толку мало влијание врз своите, иако зборуваат за нешто што е вистинско. „Со должно почитување кон Вашата Милост”, одговорил актерот, „дозволете ми да кажам дека причината е едноставна: таа лежи во моќта на воодушевување. Ние на сцената зборуваме за она што е измислено како да е вистинско, а вие на проповедалната зборувате за она што е вистинско како да е измислено.”EdM 245.4

    Наставникот во својата работа се занимава со она што е вистинско и за тоа треба да се зборува со сета сила и воодушевување, со кои го вдахнува сознанието за реалноста и важноста на она за што зборува.EdM 246.1

    Секој наставник мора да се труди неговата работа да донесе одредени резултати. Пред да почне да ја изнесува својата тема, тој мора да има јасен план и мора да знае што всушност сака да постигне. Не смее да биде задоволен од своето излагање сё додека секој ученик не ја разбере суштината на темата, не се увери во нејзината веродостојност и не биде способен јасно да го изложи она што го научил.EdM 246.2

    Сё додека се има на ум големата цел на воспитувањето, младите треба да се поттикнуваат да напредуваат онолку колку што им дозволуваат нивните способности. Но, пред да се впрегнат да ги проучуваат потешките предмети, треба прво да ги совладаат полесните. Тоа многу често се занемарува. Дури и меѓу студентите на повисоките училишта и универзитети се забележуваат големи празнини во општото образование. Многу студенти своето време го посветуваат на вишата математка, а не се способни да водат едноставно сметководство. Мнозина студираат говорништво, сакајќи да станат умешни говорници, а не се способни да читаат на разбирлив и влијателен начин. Мнозина кои завршиле студии по реторика не знаат да состават и напишат ниту едно обично писмо.EdM 246.3

    Темелното познавање на основите на образованието не треба да биде само услов за примање во повисоко одделение туку и постојано мерило за продолжување на образованието и напредувањето.EdM 247.1

    Во секое подрачје од образованието можат да се постигнат цели кои се многу поважни од оние што се постигнуваат само со техничко знаење. Да го земеме јазикот како пример. Многу поважна од познавањето на странските јазици, живи или мртви, е способноста лесно и течно да се зборува и пишува мајчиниот јазик; но никаква способност добиена со познавање на граматичките правила не може според важноста да биде еднаква со изучувањето на јазикот од еден повозвишен аспект. Со таквото изучување во голема мерка е поврзан успехот или неуспехот во животот.EdM 247.2

    Основната потреба на јазикот е да биде непорочен, љубезен и вистинит — „надворешен израз на внатрешната убавина”. Бог вели: „Сё што е вистинско, што е чесно, што е праведно, што е чисто, што е љубезно, што е на добар глас - ако е некаква добродетел, ако е некаква пофалба - мислете на тоа!” (Филипјаните 4,8). Ако мислите се такви, таков ќе биде и начинот на изразување.EdM 247.3

    Најдоброто училиште за такво изучување на јазикот е домот; но, бидејќи работата во домот толку често се запоставува, се префрла врз наставникот тој да им помогне на своите ученици во создавање правилни навики во говорот.EdM 247.4

    Наставникот може многу да придонесе да се искорени лошата навика која е проклетство за општеството, за соседството и домот — навиката на клеветење, озборување и грубо критикување. Во тоа не треба да се штеди труд. Нагласете им го на учениците фактот дека оваа навика открива недостиг на култура и префинетост и вистинска добрина на срцето; таа онеспособува и за дружење со навистина културни и префинети луѓе во овој свет како и за заедница со светите на Небото.EdM 247.5

    Ние со ужас мислиме за канибалите кои се гоштеваат со сё уште топлото и треперливо месо на своите жртви; но зар последиците дури и на овој обичај се пострашни од агонијата на пропаста што ја предизвикува погрешното прикажување на побудите, оцрнувањето на угледот и расчленување на карактерот? И децата, а и младите треба да научат што вели Бог за тоа:EdM 248.1

    „Смртта и животот се во власта на јазикот” (Мудри изреки 18,21).EdM 248.2

    Во Писмото клеветниците се вбројуваат меѓу „клеветници”, “мразители на Бога”, „насилници”, меѓу оние кои се „без љубов, неверни… немилостиви”, „полни со завист, убиства, расправии, измама, подмолност.” Божјата праведност објавува дека „оние, што вршат такви дела, заслужуваат смрт” (Римјаните 1,30.31.29.32). Оној кого Бог го вбројува помеѓу граѓаните на Сион „зборува вистина од своето срце”, „не клевети со јазикот свој” и „не му прави зло на ближниот” (Псалм 15,2.3).EdM 248.3

    Божјата Реч ја осудува и употребата на оние бесмислени фрази и изреки кои се граничат со хулење. Таа ги осудува неискрените комплименти, заобиколувањето на вистината, претерувањата, деловните измами вообичаени во општеството и во деловниот свет. „Туку вашиот збор нека биде: ‘да’, да, - ‘не’, не! Што е повеќе од тоа, од лукавиот е” (Матеј 5,37).EdM 248.4

    „Како безумниот кој фрла гламни, стрели и сее смрт, таков е и човекот кој го измамува својот ближен и вели: ‘Само се шегував” (Мудри изреки 26,18.19).EdM 248.5

    Во тесна врска со озборувањето се наоѓаат прикриеното подметнување и подмолното алудирање, со кои нечистите по срце се обидуваат да го протуркаат злото што не се осмелуваат да го изнесат јавно. Младите треба да се научат да ја прекинат секоја врска со таквите навики како што би се чувале од лепра.EdM 248.6

    При служењето со јазикот, можеби и нема грешка која и старите и младите се подготвени толку бргу да си ја простат како што е избрзаниот, нестрплив говор. Тие мислат дека е доволен изговор ако речат: „Бев невнимателен, не го мислев навистина она што го реков!” Но Божјата Реч не го сфаќа тоа толку несериозно. Писмото вели:EdM 249.1

    „Дали си видел човек брз на зборови? И безумникот има повеќе надеж од него” (Мудри изреки 29,20).EdM 249.2

    „Разурнат град и без ѕидови, таков е човекот, кој нема власт над себеси” (Мудри изреки 25,28). Во еден миг, со брз, избувлив, непромислен јазик може да се предизвика зло кое ниту доживотно каење нема да го поправи. О, колку срца се скршени, пријатели загубени, животи уништени поради груби, избрзани зборови на оние кои можеле да донесат помош и исцелување!EdM 249.3

    „Невнимателниот зборува како да прободува со меч, а јазикот на мудрите е исцелување” (Мудри изреки 12,18).EdM 249.4

    Една од доблестите кои треба посебно да се негуваат и развиваат во секое дете е несебичноста, која на животот му дава толку природна милност. Од сите одлики на карактерот оваа е една од најубавите, и за секое вистинско животно дело тоа е една од најважните квалификации.EdM 249.5

    На децата им е неопходно разбирање, сочувство и охрабрување, но мораме да внимаваме во нив да не развиеме склоност кон пофалби. Не е мудро да се истакнуваат ниту пред нив да се повторуваат нивните умни изјави. Родителот или наставникот кој го има предвид вистинскиот идеал на карактерот и можноста за негово достигање, никогаш нема да негува ниту да поттикнува окупираност со себеси. Тој во младите нема да поттикнува стремеж или настојување да ги прикажат своите способности и умешноста. Оној кој гледа на она што е над него ќе биде понизен; а сепак ќе има достоинство кое нема да се засрами и збуни од надворешниот сјај на човечката големина.EdM 249.6

    Доблестите на карактерот не се развиваат по некој произволен закон или правило, туку со работа во атмосфера на непорочност, благородност и вистинитост. Секаде каде што постои непорочност на срцето и благородност на карактерот, тие ќе се откриваат преку непорочноста и благородноста на дејствувањето и говорот.EdM 250.1

    „Тој кој љуби чисто срце, и кој има љубезни усни, царот му е пријател” (Мудри изреки 22,11).EdM 250.2

    Она што важи за јазикот, важи и за секое друго проучување; тоа мора да се води на начин кој ќе го јакне и изградува карактерот.EdM 250.3

    Ова се однесува на изучувањето на историјата повеќе отколку на изучувањето на која било друга наука. Да размислуваме за тоа од божествен аспект.EdM 250.4

    Онака како што често се предава, историјата одвај да е нешто повеќе од обичен извештај за подигањето и падот на царевите, дворските сплетки, победите и поразите на војските — малку повеќе од приказна за амбиција и алчност, за измама, суровост и крвопролевање. Така изнесувана, таа може да има само погубни резултати. Одбивното набројување и опишување на злосторствата и неверствата, беззаконијата и суровоста, во многу срца сее семе чиј род ќе биде жетва на злото.EdM 250.5

    Многу е подобро да се учат, во светлината на Божјата Реч, причините за подемите и падовите на царствата. Младите треба да ги проучуваат тие извештаи и да согледаат дека вистинската благосостојба на народите е поврзана со прифаќањето на божествените принципи. Нека ја проучуваат историјата на големите реформни движења и нека видат колку често тие принципи, и покрај тоа што биле презрени и намразени, иако нивните застапници биле фрлани во зандани и на губилишта, токму затоа и победувале.EdM 250.6

    Таквото проучување ќе отвори широки, сеопфатни погледи на животот. Тоа на младите ќе им помогне да согледаат дел од животните односи и зависности, да разберат како сме прекрасно поврзани во големото братство на општества и народи и во колкава мера експлоатирањето и понижувањето на еден член им нанесува загуба на сите.EdM 251.1

    Изучувањето на математиката треба да биде практично. Секој младич и девојка и секое дете треба да учат да решаваат не само измислени проблеми, туку да водат и точен извештај за своите приходи и издатоци. Преку директна употреба на парите треба да научат како тие правилно се употребуваат. Без оглед на тоа дали се издржуваат со придонес на родителите, или со своја сопствена заработка, момчињата и девојчињата треба да учат да ја избираат и купуваат својата облека, книгите и другите потреби; водејќи извештај за своите издатоци тие, многу подобро отколку на некој друг начин, ќе ја научат вредноста на парите и како треба да се служиме со нив. Ваквата обука ќе им помогне да ја разликуваат вистинската економичност од скржавоста од една, и расипноста, од друга страна. Правилно изведувана, таа ќе поттикне на добродетел. Ќе им помогне на младите да научат да даваат, не затоа што некој ненадеен нагон ги навел на тоа кога им биле придвижени чувствата, туку редовно и систематски.EdM 251.2

    На овој начин секое учење може да стане помош во решавањето на најголемиот од сите проблеми — обучувањето на мажите и жените да ги исполнуваат своите животни одговорности на најдобар начин.EdM 251.3

    Larger font
    Smaller font
    Copy
    Print
    Contents